Git --fast-version-control
Chapters ▾

1.5 Како да започнам - Прво поставување на Git

Прво поставување на Git

Сега кога го имате Git на вашиот систем, ќе сакате да направите неколку работи за да ја подесите вашата Git околина. Овие работи треба да ги направите само еднаш, и тие ќе си останат такви и после надградбите. Исто така може да ги промените во било кое време извршувајќи соодветни наредби.

Git доаѓа со алатка наречена git config која што ви овозможува да прегледате и да ги поставите конфигурациските променливи кои што ги контролираат сите аспекти за тоа како изгледа и како се однесува Git. Тие променливи може да бидат поставени на три различни места:

  • /etc/gitconfig датотека: Содржи параметри за сите корисници на системот и сите нивни репозиторија. Ако го додадете аргументот--system на git config, тогаш тој чита и запишува од оваа датотека.
  • ~/.gitconfig датотека: Специфична за секој корисник. Git чита и запишува во оваа датотека со додавање на аргументот --global.
  • конфигурациска датотека во git папката (т.е., .git/config) од репозиторито кое момен-тално го користите: Се однесува единствено на тоа репозитори. Секое ниво ги засенува вредностите од претходното ниво, па така, вредностите во .git/config ги засенуваат вредностите во /etc/gitconfig.

На Windows системите, Git ја бара .gitconfig датотеката во $HOME папката (најчесто C:\Documents and Settings\$USER). Исто така ја бара и /etc/gitconfig, иако таа патека е релативна во однос на MSys коренот, кој се наоѓа онаму каде што сте одлучиле да го инсталирате Git на Windows.

Вашиот идентитет

Прва работа што треба да ја направите по инсталирањето на Git е да го подесите вашето име и e-mail адреса. Ова е важно затоа што секој Git комит ги користи тие информации, и истите се вградени во секој комит што ќе го направите:

$ git config --global user.name "John Doe"
$ git config --global user.email johndoe@example.com

Ова треба да го направите само еднаш доколку како аргумент во наредбата ја користите --global опцијата, бидејќи во тој случај Git секогаш ќе ги користи тие информации за сите активности што ги изведувате на тој систем. Доколку за одреден проект сакате да користите поинакво име и e-mail адреса, тогаш повикајте ги наредбите без --global опцијата кога се наоѓате во тој проект.

Вашиот едитор

Сега кога вашиот идентитет е подесен, може да подесите и кој стандарден текстуален едитор ќе биде користен од Git кога ќе треба да внесете некоја порака. Стандардно, Git како едитор ќе го користи системскиот стандарден едитор, кој што вообичаено е Vi или Vim. Доколку сакате да користите друг текстуален едитор како што е Emacs, тоа може да го направите на следниов начин:

$ git config --global core.editor emacs

Вашата Diff алатка

Друга корисна опција која што можеби би сакале да ја подесите е која diff алатка да се користи за разрешување на конфликти при спојување (merge) на гранки. Доколку за таа намена сакате да го користите vimdiff:

$ git config --global merge.tool vimdiff

Git ги прифаќа kdiff3, tkdiff, meld, xxdiff, emerge, vimdiff, gvimdiff, ecmerge и opendiff како валидни алатки за разрешување конфликти. Исто така за таа намена може да подесите и произволна алатка - за повеќе информации како се прави тоа видете во поглавје 7.

Прегледување на вашите подесувања

Доколку сакате да ги проверите вашите подесувања, може да ја користите наредбата git config --list за да ги излистате сите подесувања кои ги користи Git во тој момент:

$ git config --list
user.name=Scott Chacon
user.email=schacon@gmail.com
color.status=auto
color.branch=auto
color.interactive=auto
color.diff=auto
...

Можеби ќе видите ист клуч повеќе пати, бидејќи Git го чита истиот клуч од различни датотеки (/etc/gitconfig и ~/.gitconfig, на пример). Во тој случај, Git ја користи последната вредност за секој пронајден клуч.

Може да проверите која вредност ја користи Git за некој клуч со испишување на git config {key}:

$ git config user.name
Scott Chacon